Британските пратеници ги отфрлија сите четири алтернативни опции за Брегзит, кој влезе во ќорсокак откако планот на Тереза Меј доживеа неуспех. Ова практично значи дека Велика Британија ја напушта унијата без договор на 12 април.
Отфрлени се сите четири опции, меѓу кои беше и царинската унија по примерот на односот на Норвешка со ЕУ и новиот референдум за членство во Унијата.
Опозиционерските Лабуристи гласаа за три предлози, но владеачките Демократски унионисти од Северна Ирска не поддржаа ниту еден. На конзервативците беше оставено самите да одлучат како ќе гласаат, без партиски наредби.
Членовите на парламентот мораат да донесат важни одлуки, но една работа е јасна: мораме да ја напуштиме Европската унија на одреден начин. Секако дека Брегзит без договор е лоша опција и за економијата и за ЕУ, но останувањето во царинската унија или прифаќањето на единствен пазар би значело дека би се довеле под сомнение некои од ветувањата дадени на општите избори. Најдобар пат напред е да се поддржи пристапот на Тереза Меј“, порача Мајкл Гов, министер за животна средина во Велика Британија.
Се обидуваме да дојдеме до компромис но тоа што премиерката мора да го знае е дека компромисот значи нешто да се даде и нешто да се добие. Останувањето на заедничкиот пазар, што е една од опциите, не е во склад со нашата политика, но е подобро од договорот на Тереза Меј, и секако подобро од тоа да нема никаков договор“, напомена Емили Торнбери, министерка за надворешни работи во сенка.
Пораката од Брисел е недвосмислена – време е британскиот парламент да се изјасни.
Имавме многу трпение кон нашите британски пријатели, но тоа е на крајот. Би сакал во Британија да се постигне согласност во следните часови, денови околу тоа како да се тргне напред. До денеска знаевме на што парламентот се спротивставува, но се уште не знаеме против што би гласал. Топката е во британскиот терен“, истакна Жан Клод Јункер, претседател на ЕУ.
Ниедно од гласањата во парламентот не е правно обврзувачко што значи дека на владата е дали ќе ја примени одлуката на пратениците.
Comments are closed for this post.