Во „Боинг“ почнува нова криза, објави бомбастично „Њујорк тајмс“ повикувајќи се на изјави и стотици интерни е-мејлови во кои може да се дознае за многу недостатоци, некои и многу опасни, во производството на авионите на таа компанија. Весникот потенцира дека по двата пада на авионите на „боинг“ – 737 мах, сега пред паѓање е и дијамантот од круната – авионот „дримлајнер“.

Во производствените погони во Северен Чарлстон, Јужна Каролина, работниците се жалат дека има многу недостатоци, како на пример остатоци од гуми во пилотската кабина, или делови од метал во електрониката, па дури и во моторите, нешто што е многу ризично.

„Њујорк тајмс“ прегледал стотици мејлови, податоци од компанијата и разговарал со некогашни и сегашни вработени во „боинг“ – „резултатот е фатален:културата на брзо производството честопати е поважна од квалитетот“.

Еден техничар од „боинг“ вели:„И реков на жена ми дека никогаш нема да летам со тој авион. Тоа е прашање на безбедност“.

Американскиот весник вели дека досега немало  пад на „дримлајнер“, но оти во минатото се забележани неколку пожари предизвикани од  батериите.

Еден менаџер кој бил задолжен за контрола на квалитетот, кој се пензионирал во 2017 година, изјави дека „на тоа место вие сте последната линија на одбрана пред авионот да се пушти на редовни летови, а до сега не сум видел еден авион од Чарлстон за кој јас со моето име би гарантирал дека е безбеден и оти е способен за летови“.

Портпаролот на „боинг“ ги демантираше тие тврдења.

„Заради безбедноста и квалитетот го успоривме производството, а ние во моментов ги произведуваме едни од најбезбедните авиони“, истакнува портпаролот.

Но, весникот вели дека фактите зборуваат оти компанијата повторно ја зголемила брзината на производство и оти сега компанијата секој месец прави по 14 „дримлајнери“. Во исто време околу 100 шефовски позиции за контрола на квалитетот биле укинати.