По најавата на САД за излегување од Договорот за уништување и забрана на производство на проектили со кус и среден дострел (ИНФ) следуваа лавина реакции, меѓу сојузниците и партнерите на САД во НАТО. Меѓу таквите реакции се издвојуваат таа што доаѓа од Германија од каде го осудуваат најавениот потег на Вашингтон, додека спротивно од нив, Велика Британија го поддржува.

Ставот на Германија го соопшти министерот за надворешни работи, Хајко Мас, кој изјави дека САД би требало да размислат за последиците од нивното повлекување од меѓународниот договор за нуклеарно оружје од среден дострел, како за Европа, така и за последиците по идните напори за разоружување.

Тој договор 30 години беше важен столб на нашата европска безбедносна архитектура – се наведува во соопштението од Кабинетот на Мас.

Германскиот министер појаснува дека официјален Берлин честопати ја повикувал Русија да одговори на сериозните обвинувања дека го крши договорот, но дека сега тоа е случај со американската страна.

Сега ги повикуваме САД да ги разгледаат можните последици, рече шефот на германската дипломатија.

Од друга страна, британскиот министер за одбрана, Гавин Вилијамсон, изјави дека Велика Британија е „апсолутно одлучно” со САД во одлуката на претседателот Доналд Трамп за повлекување од ИНФ.

Вилијамсон ја обвини Русија за загрозување на Договорот за контрола на оружјето, кој САД и Советскиот Сојуз го постигнаа во 1987 година, и го повикаа Кремљ да „воведе ред во својот дом”.

Вилијамсон, во изјава за „Фајненшл тајмс” изјави дека Москва се „исмејува” со Договорот, со кој се предвидува забрана за производство, тестирање и распоредување на нуклеарни и конвенционални ракети со дострел од 500 до 5.500 километри што се лансираат од земја.