По враќањето на Зинедин Зидан на клупата на Реал Мадрид, шпанските медиуми секојдневно објавуваат имиња на потенцијални засилувања на „кралскиот клуб“ за следната сезона. А, едно од најновите имиња коешто се спомнува во „Ас“, престижниот спортски весник, близок до клубот, е името на македонскиот репрезентативец Елиф Елмас.

Шпанските новинари истакнуваат дека, иако Елмас се уште нема наполнето 20 години, тој е стандарден во екипата предводена од Ерсун Јанал, поради што добил одобрување од Зидан како потенцијално идно засилување на мадридската екипа.

Во „Ас“ се напоменува дека Елмас дебитира во првиот тим на Работнички на 16 години и три месеци и дека неговиот договор со Фенербахче завршува во јуни 2022 година.

Елмас дури го добива и прекарот „македонскиот Зидан“ поради начинот на игра и пред се позицијата на теренот каде што најдобро се снаоѓа како офанзивец во средниот ред, но може да игра и на левата страна од теренот, токму како Зидан во свое време.