Во вистинска инфаркт завршница, екипата на Тотенхем го совлада Ајакс на гости со 3:2, со што се избори за пласман во финалето од Лигата на шампоионите каде што за драгоцениот пехар ќе се бори против Ливерпул.

Англичаните дојдоа до тој успех во последната секунда од петтата минута, колку што беа одредени за судиското надополнување. Јунак на Тотенхем беше бразилскиот крилен напаѓач Лукас Моура, кој ги постигна сите три голови за својот тим. Бразилецот ја затресе мрежата на Ајакс во 56, 59 и 95 минута, со што донесе целосен пресврт по водството на Холанѓаните од 2:0, што Ајакс го имаше на полувреме.

Тоа беше шокантен и суров начин на кој фудбалерите на Ајакс го завршија патувањето во овогодинешната сезона во Лигата на шампионите, во која ги надиграа великаните Реал Мадрид и Јувентус. Особено по играта во првиот дел во кој капитенот Матијс Де Лигт во петтата и Хаким Зијеч во 35 минута донесоа водство од 2:0.

„Црвено-белите“ го имаа пласманот во финалето во раце и во 80 минута, кога при резултат 2:2, Мароканецот Зијеч го совлада голманот на Тотенхем Уго Лори, но неговиот удар заврши само во дирекот.