Со 82 гласа за од вкупно 90 присутни делегати, изборното собрание на ФФМ денеска во Охрид го избра досегашниот в.д. претседател Муамед Сејдини за претседател на федерацијата.

Сејдини го наследува Ѓорѓиоски, но за разлика од сите други претседатели на ФФМ, најновиот има мандат од само две години – до 2021 година.

Сејдини ќе го води ФФМ во следните две години до истекот на мандатот на делегатите на Собранието, по што ќе има нови избори, кои тогаш ќе бидат редовни на сите нивоа, т.е. во општинските сојузи и ќе се ибираат нови делегати.

Денеска на Собранието присутен беше Давор Шукер, членот на Извршниот комитет на УЕФА, како и претставник на АМС, иако државната спортска агенција најави бојкот на ова Собрание и две недели беше во војна со фудбалската федерација.

Собранието на ФФМ го овласти Управниот одбор по направена анализа да изготви промена на натпреварувањата во Вторите и во Третите лиги, од сезоната 2020/21, односно повторно да има една Втора лига, а не како во моментов две. Усвоени беа извешаите на претседателот и Управниот одбор на ФФМ, како и правните органи и лиценцните тела, администрацијата на ФФМ за исполнување на стратегискиот план во период од 2016 до 2026 година, како и финансискиот план и завршната сметка.