Дарко Панчев, Зоран Бошковски – Чоко, Илија Најдоски и другите фудбалските репрезентативци на Македонија, учесници на првиот натпревар на националниот тим, предводени од селекторот Андон Дончевски, ќе продефилираат на теренот на Националната арена „Филип втори“.

Свеченоста е планирана за пред почетокот на дуелот што нашата селекција го игра против Лихтенштајн на 13 октомври, а повод за нивното присуство е да се одбележи јубилејот – 25 години од одигрувањето на првиот репрезентативен меч на Македонија.

На 13 октомври се навршуваат 25 години од првиот натпревар на фудбалската репрезентација на Македонија, пријателскиот меч со Словенија (4:1) во Крањ. По тој повод, ФФМ на мечот со Лихтенштајн ќе ги покани сите фудбалери што настапија на тој меч, предводени од Дарко Панчев, како и стручниот штаб, на чело со селекторот Андон Дончевски, кој ќе допатува од Австралија. Тие пред натпреварот треба да продефилираат пред публиката на арената „Филип Втори“ и ќе добијат пригодни подароци во знак на сеќавање на историскиот натпревар – објавија од ФФМ.

Македонската фудбалска репрезентација на 13 октомври е домаќин на Лихтенштајн, во рамки од третото коло на Лигата на Нации.

Македонија со две победи на воведните два натпревари, против Гибралтар со 2:0 на гости и против Ерменија со 2:0 дома, успешно го стартуваше новото натпреварување на УЕФА, преку кое ќе се обиде за прв пат во својата историја да обезбеди пласман на Европско првенство.

Билетите за натпреварот се пуштени во продажба преку продажната мрежа на „MKTickets“ по цена од 100 денари за Јужна трибина и 150 денари за Северната трибина.