Тренерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола го пофали Реал Мадрид пред осминафиналето на Лигата на шампионите. Тој смета дека неговите избраници на „Сантијаго Бернабуе“ ќе бидат пред вистински тест.

– Овој клуб ме воодушеви неверојатно. Играчите кои играат за Реал многу пати биле во финалето на Лигата на шампионите, и не знам колку пати секој од нив го подигнал овој трофеј. Кај нас, можеби Клаудио Браво го освои овој турнир и уште некој друг. Нема многу играчи во Сити кои ја освоија ЛШ. Мора да бидеме на високо ниво против Реал Мадрид. Ова е вистински тест, изјави Гвардиола.

Шпанскиот фудбалски стручњак посакува неговите избраници да постигнат еден или повеќе голови на првиот меч и со тоа да си ги зголемат шансите пред реваншот на домашен терен.

– Сакам на крајот од натпреварот да кажам: Ние бевме тоа што сме“. Ова е најважната работа на вакви натпревари. Мора да одиме и да се обидеме да го сториме тоа на еден од најголемите, најубавите и најпрестижните стадиони. Ќе се обидеме да го искористиме нашето оружје и да постигнеме неколку голови. Тоа ќе биде тешко против екипата што ја освои Лигата на шампионите 13 пати и е крал во елитното натпреварување, нагласи Гвардиола.

Натпреварот Реал Мадрид – Манчестер сити ќе се игра в среда со почеток во 21 часот.