Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино даде официјална изјава дека нема да дозволи реализација на планот за одигрувањето натпревари од шпанското првенство на територија на САД.

На такво нешто тоа инсистираат од Шпанската фудбалска лига, чиј шеф, Хавиер Тебас, испланира да има такви дуели за да се подигне гледаноста на шпанскиот фудбал на американско тло, а првиот таков меч требаше да биде Џирона против Барселона, кои требаше да се сретнат во јануари во Мајами.

Одбивам да го дозволам тоа. Водечкото тело на ФИФА целосно се спротиставува на оваа идеја, категоричен беше Инфантино.

Ваквата изјава на Инфантино би требало да ги попречи плановите на Лигата, бидејќи такво нешто не може да се случи без дозвола на ФИФА.

Тебас доби негативни реакции за идејата и од Шпанската фудбалска федерација, од УЕФА и од голем број од клубовите во Шпанија, на чело со Реал Мадрид.

Инаку од „Ла Лига“ работат на уште еден проект: средби од првенството на Еквадор да се играат во Шпанија, поради големиот број Еквадорци што живеат на Пиринејскиот полуостров. Но и тоа едвај ќе стане реалност, затоа што од ФИФА се категорични дека средбите од кое било првенство треба да се играат само во соодветната држава.