Напнатата политичка ситуација во Каталонија по изречените затворски казни за каталонските политички лидери е причина за шпанската фудбалска федерација да размислува да го смени редоследот на одигрување на дуелите меѓу Реал Мадрид и Барселона.

Двата фудбалски гиганти и најголеми ривали, треба да го играат својот прв дуел идниот викенд, на 26 октомври, на Камп Ноу во Барселона, но сега, од федерацијата сакаат тој меч да се игра во Мадрид за да се избегнат ситуации што може да ја загрозат безбедниста на фудбалерите. Доколку двата клуба ја прифатат оваа идеја, „Ел Класико“ од вториот дел од првенството ќе се игра на 1. март на Ноу Камп.

Конечната одлука за евентуалната промена на местото на одигрување на „Ел Класико“ ќе ја донесе Комитететот за натпреварување.

Претстојниот дуел меѓу Барселона и Реал Мадрид треба да биде првиот натпревар одигран на Ноу Камп откако Врховниот суд на Шпанија пресуди против каталонските лидери. Само неколку минути по обелодувањето на таа пресуда, од клубот Барселона објавија соопштение во кое остро се критукуваше таквата одлука.

Решението за конфликтот што постои во Каталонија може да се најде само преку политички дијалог. Затоа, сега повеќе од кога и да било порано, клубот бара од сите одговорни политичари да го водат процесот на дијалог и преговори за да се реши овој конфликт, што истовремено треба да доведе и до ослободување на цивилните каталонски лидери и осудените политичари – обајавија од каталонскиот клуб.