Двата фудбалски великана од поранешна Југославија, Црвена звезда и Динамо остварија одлични резултати во првите натпревари од плеј-офот за влез во групната фаза од Лигата на шампионите.

Особено блиску до такво нешто се „модрите“ од Загреб коишто на домашен терен на „Максимир“ одиграа доминантен меч против норвешки Розенборг. Предводени од својот капитен, македонскиот репрезентативец, Аријан Адеми, загребчани славеа со 2:0, предност што ја стекнаа уште во првото полувреме со головите на Бруно Петковиќ во осмата минута од пенал и на Мислав Оршиќ во 28 минута.

Сосема солиден резултат имаат и фудбалерите на Црвена звезда. „Црвено-белите“ одиграа нерешено 2:2, но на гостински терен против швајцарски Јанг Бојс. Швајцарците први дојдоа до предност со голот Роже Асале во седмата минута, но Милош Дегенек во 18 и новото засилување, Аргентинецот Матео Езекиел Гарсија во 46 минута направија целосен пресврт.

Фудбалерите на Јанг Бојс ја намалија радоста на белграѓани со погодокот на Гуљермо Оро од пенал на 14 минути до крајот, но и таквиот конечен резултат им дава право на играчите на Звезда да очекуват влез во групите на Лигата на шампионите.

Одличен резултат оствари и грчки Олимпијакос, кој славеше против руски Краснодар со 4:0 и се чини веќе го обезбеди своето место во групите на најелитното фудбалско натпреварување во Европа.