Во извонредно интересен натпревар, репрезентацијата на САД на неверојатен начин успеа да дојде до победа против Турција со 93-92. За такво нешто на Американците им беше неопходно продолжение од пет минути, како и четири утнати слободни фрлања на Турците во последните десетина секунди.

Драмата на овој натпревар почна уште во финишот на регуларниот дел, поточно на 12 секунди до крајот кога Турците дојдоа до своето прво водство на мечот од 81-79. Потоа во последниот напад, Американците прво утнаа шут за три поени, но по офанзивниот скок имаа ште еден обид за тројка и победа, но Џејсон Тејтум беше фаулиран, по што на 0,2 секунди до крајот имаше три слободни фрлања. Второто го утна, со што се замина во продолжение.

Таму и двете екипи се менуваа во водство до девет секунди до крајот, кога при водство на Турција од 92-91, имаше неспортски фаул врз Догуш Балбај. Тоа значеше две слободни фрлања за него и топка за Турција. Сепак, Балбај ги утна и двата удара од линијата за слободни, а по изведената топка од страна фаулиран беше и Џеди Осман, кој исто така не искористи ниту едно од двете слободни.

Американците тргнаа во конра и на две секунди до крајот беше фаулиран Крис Мидлтон, кој, за разлика од турските кошаркари, имаше мирна рака, двапати погоди и им ја донесе на Американците втората победа на Светското првенство.

Останати резултати

Австралија – Сенегал  81-68

Нов Зеланд – Црна Гора  93-83

Чешка – Јапонија  89-76

Доминиканска Република – Германија  70-68

Литванија – Канада  92-69

Бразил – Грција  79-78

Франција – Јордан  103-64