Министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, Бујар Османи и Екатерина Захариева вчера се сретнаа во Софија, каде  разговараа за акцискиот план за меѓусебна соработка и можноста за неговата финализација, во функција на договарање на втората меѓувладина конференција меѓу владите на двете земји.

По средбата, од Софија стигна порака дека Бугарија ја поддржува европската интеграција на земјава, со исполнување на соодветни услови.

Министерството за надворешни работи соопшти дека на средбата Османи – Захариева биле разгледани актуелностите поврзани со кризата од Ковид-19 и начините на кои двете земји остваруваат соработка во справувањето со овие предизивици, при што шефицата на бугарската дипломатија потврдила дека се прават напори за изнаоѓање начин за испорака на ветените вакцини за земјава.

Во продолжение на средбата се разговараше за Акцискиот план за меѓусебна соработка и можноста за неговата финализација, во функција на евентуално договарање на втората меѓувладина конференција меѓу двете влади, чии копретседавачи се токму министрите Османи и Захариева. Соговорниците изразија задоволство од досегашната соработка и приликата ја искористија и за размена на мислења и за други теми од заеднички интерес за двете страни, се додава во соопштението.

Денеска Захариева при своето гостување во БТВ истакна дека се разговарало и за европската перспектива на Македонија и идните средби на историските комисии. Таа истакна дека ниту една земја членка на ЕУ, ниту пак САД може во иднина да ја притисне Бугарија да попушти и да дозволи пристапни преговори на Македонија со ЕУ.

Тие треба да разберат дека Европската Унија не функционира како Југославија. Никој не може нас да ни наложи што да правиме во Унијата, рече Захариева.