Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска изјави дека ќе побара свикување итна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации, имајќи предвид дека се загрозени животите на Србите на Косово и нивната безбедност.

Работите излегоа од контрола, српскиот народ е турнат во ѕид и затоа ќе побарам итен разговор со шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, каде било на планетата Земја, за да се одржат последните разговори и да се укаже на ситуацијата, да им кажеме што можеме, а што не можеме повеќе – рече Вучиќ.

Тој додаде дека по тој разговор, Србија за првпат поради настаните на Косово ќе побара свикување итна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации, бидејќи според Вучиќ, Србија сака да постапи во согласност со резолуцијата 1244, меѓународна правните норми, имајќи предвид дека се загрозени животите на Србите и нивната безбедност.

Претседателот изјави дека сите земји членки на Обединетите нации се обврзани со меѓународното право да дејствуваат и да спречат антицивилизациски исход на Косово.

Според тоа, ќе го разгледаме и барањето на Српската листа и на српскиот народ од Косово. Нема да брзаме со таа одлука, бидејќи носи драматични последици. Тоа се однесува на барањето за изјаснување на полицијата и другите безбедносни структури на Приштина како терористички организации – истакна Вучиќ во своето обраќање до јавноста.

Како што рече, Србија не реагира врз основа на притисок од печатот и не може да се однесува несериозно како режимот на Албин Курти во Приштина.

Вучиќ изјави дека Србија не се подготвува за војна, туку се залага за мир и стабилност и деескалација на ситуацијата.

Вака одговори на новинарското прашање дали Србија се подготвува за војна и што ако одговорот на Јенс Столтенберг и барањето да се одржи итна седница на Советот за безбедност на ОН не е прецизирано и посочи дека Србија направила се за деескалација на конфликт.

Знам која е вашата намера, да кажете дека некој ве враќа во 90-тите. Што и да правиме, секогаш ќе бидеме виновни. Ова не е од вчера, туку од пред којзнае колку години. Србија не се подготвува за војна, но таа е подготвена да ги заштити животите на нашиот народ, нивната земја од сите оние кои сакаат да го загрозат него и нејзиниот интегритет и суверенитет. Заканата што сакавте да ја упатите и да не обвините дека се подготвуваме за војна за жал не помина – рече Вучиќ.