Четири приштински болници се привремено затворени од страна на здравствената инспекција поради сомневања дека се занимаваат со незаконска трговија со човечки органи, јавува Танјуг.

Поведена е постапка против 17 здравствени работници, а истрагата продолжува.

Здравствената инспекција при косовското Министерство за здравство заедно со полицијата извршила проверка на неколку приватни болници, кои имаат одобренија за услуги во областа на вештачкото оплодување. Целта на проверката била контрола на почитувањето на законот за репродуктивно здравје.

Нора Красниќи од здравствената инспекција соопшти дека проверката во четирите приватни болници утврдила дека тие се бавеле со незаконска активност.  Во болниците се пронајдени замрзнати човечки клетки, што биле префрлени на складирање во гинеколошкото одделение на Универзитетскиот клинички центар.

Портпаролот на полицијата Баки Кељани соопшти дека во четирите болници е утврдена незаконска трансплантација и трговија со човечки органи и клетки и оти се приведени 17 лица, меѓу кои и странци.

Адвокатот на една од клиниките, Бесник Бериша, тврди дека нема докази за злоупотреба на клетки или ембриони. Тој изјави дека се што утврдила инспекцијата биле некои недостатоци во водењето на документацијата и потписите во неа.