Во Атина денес е отворена нова џамија, прва во Грција по падот на Отоманската империја. Иако денес џамијата свечено ја отвори министерот за образование и верски прашања, Костас Гавроглу, таа за верниците ќе биде готова во септември.

Џамијата се наоѓа во областа Вотаникос и проектот за нејзината изградба беше неколку пати спречуван од екстремни десничари.

Во предворјето на џамијата се засадени дрвја, подигната е и фонтана, а се очекува на министерски потпис за назначување на имам.

Министерот Гавроглу рече дека „џамијата се подига исклучиво со пари од  грчкиот народ и сите трошоци за нејзиното работење ќе бидат покриени од грчката држава“.

Сега се очекува во наредните денови да се постави и големиот лустер.

Сепак, како отворено прашање останува немањето посебни муслимански гробишта во Атина, па мртвите се погребуваат на многу подалечна локација. Министерот рече дека грчката црква одобрила продажба на 10 декари земја, но лицитацијата беше запрена.