Министерката за здравство, Огерта Манастирлиу преку објава на социјалните мрежи информираше дека заклучно со вчерашниот ден во Албанија против Ковид-19 имунизирани се 206.708 лица.
Според неа, вакциниран е целосно здравствениот персонал, просветните работници и вработените во градинките, а во тек е вакцинацијата на медиумските работници, полициските службеници и лицата постари од 75 години.
Информираше дека пристигнала нова пратка со вакцини „Фајзер“, што е дел од количеството од 23.000 дози што треба да пристигне до крајот на неделава.
Премиерот Еди Рама, кој денеска, заедно со Манастирлиу го посетија вакциналниот пукт во Корча, рече дека процесот на вакцинација под мотото „Албанија се насмевнува“ се одвива без никакви проблеми.
-Во рок од десет дена ќе добиеме и 50.000 вакцини „Спутник В“, за што договор постигнавме вчера, по што започнуваме со вакцинација на лицата над 65-годишна возраст. Светлото на тунелот е се поблиску, рече Рама.
Во врска со обвинувањата на лидерот на опозициската Демократска партија, Љуљзим Баша, дека има починати по добиена вакцина „Астра Зенека“, Рама рече дека не се забележани нус појави кај ниту едно лице по добиената вакцина и оти „Баша шири паника со старите песни на Сали Бериша“.
Comments are closed for this post.