Во голема тајност, без претходно да биде доставен план за летање, владиниот авион на Венецуела, со ознаката YV2486 во саботата напладне слетал на аеродромот „Елефтериос Венизелос“ во Атина, објави грчката телевизија „Скај“, повикувајќи се на ексклузивни информации.

Според прилогот на телевизијата, во владиниот авион се наоѓал министерот за надворешни работи на Венецуела, Хорхе Ареаса, кој на атинскиот аеродром остварил и некаква средба.

Откако неколку европски земји одбиле да одговорат позитивно на барањето на венецуелскиот владин авион да слета за да се снабди со гориво, Грција дала дозвола во саботата авионот да слета на атинскиот аеродром во 14 часот, но наместо побараниот еден час за точење гориво, авионот, полетал дури по четири часа, објави „Скај“.