Турскиот министер за одбрана Хулуси Акар изјави дека земјата во октомври следната година ќе започне со инсталирање на руските против ракетни системи „С-400“, објавија државните медиуми.

Тој додал дека избраните војници на почетокот на 2019 година ќе заминат во Русија на обука, а кога ќе ги добијат сите неопходни знаења ќе се вратат во Турција и ќе почнат со работа.

Рускиот државен извозник на оружје „Рособоронекспорт“ во август објави дека во 2019 година ќе започне со доставување на напредните системи за воздушна одбрана „С-400“ во Турција.

САД и други земји членки на НАТО изразија загрижување во врска со купувањето на проектилите „С-400.“ САД ја предупреди членката на НАТО, Турција, дека купувањето на системите може да резултира со санкции од страна на Вашингтон и запирање на други постоечки набавки.

Анкара продолжи со договорот, велејќи дека нејзините западни сојузници не успеале да соработуваат со неа во нејзините напори за зајакнување на одбранбените способности.