Договор меѓу Приштина и Белград е можен уште во текот на оваа година и покрај сериозниот застој во разговорите во последниве неколку месеци, изјави косовскиот претседател Хашим Тачи.

Мораме да седнеме дури и со нашите најлути непријатели, но без какви и да било предуслови, и да се обидеме да се сослушаме едни со други, изјави Тачи за лондонскиот весник „Гардијан“.

Тачи нагласува дека во дијалогот меѓу Белград и Приштина го вложил сиот свој политички капитал што го изградил во изминативе две децении, додавајќи дека неуспех на разговорите би претставувало штета за целиот регион.

Во сегашните околности, со сите тензии, не гледам зошто некој странски инвеститор би дошол и би инвестирал во нашиот регион. Само мировен договор може да донесе напредок, оценува Тачи.

Косовскиот претседател смета дека демаркацијата на границата меѓу Косово и Србија може да се регулира со „сеопфатен договор за меѓусебно признавање“, нагласувајќи при тоа дека е невозможно разграничување по етнички линии.