Мислам дека ни најголемите оптимистите не можеа да очекуваат, за толку мал временски период да имаме толку важни позитивни резултати од Договорот од Преспа, вели портпаролот на грчката Влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос во интервју за весникот „Неа селида”.

Како што поминува времето, како што ќе се зајакнуваат врските на пријателство и соработка, како што во пракса ќе се покажува заедничката корист за двата народи, така ќе стивнуваат и екстремните гласови и гласовите на поделба во внатрешноста на двете земји, вели Ѕанакопулос.

Тој додава дека Грција за неколку месеци успеала да додаде нов сојузник на Балканот, но и „да врати скапоцен дел од нејзиниот дипломатски капитал за вистинските дипломатски прашања во регионот”, јави дописничката на МИА од Атина.

По големиот пораз на национализмот и квазипатриотизмот и од двете страни на границата, Грција го надгради нејзиниот углед во цела Европа и создаде соодветен терен за голем грчки инвестиции во Северна Македонија, истакнува портпаролот на грчката Влада, а како карактеристичен пример го споменува бизнис интересот на првиот форум одржан пред 15 дена во Скопје.