Европската интеграција на државите од западен Балкан е во интерес на целиот регион и на ЕУ. Бугарија ќе продолжи да ги поддржува напорите на своите соседи во тој процес.

Ова го изјави бугарскиот претседател Румен Радев на денешната работна средба со албанскиот премиер Еди Рама. Шефот на државата ја потврди бугарската поддршка за подготвеноста на Албанија да ги започне преговорите за членство во ЕУ, соопштија од претседателскиот кабинет.

-Бугарија високо ги оценува постигнувањата на Албанија во исполнувањето на Копенхашките критериуми за членство, вклучувајќи го и европскиот однос кон националните малцинства, меѓу кои и бугарското, посочи Радев.

Тој уште додаде дека од исклучително значење е евроинтегративниот процес на Балканот да се надоврзува на одржливи и неповратни резултати во градењето односи на пријателство и добрососедство во регионот, за што Албанија е одличен пример.

Заедничка е оценката дека активен, директен обостран дијалог меѓу одделните држави, како и средбите на високо ниво, даваат можност за барање и изнаоѓање заеднички решенија за иднината.