Чешката автомобилска индустрија „Шкода“ ќе изгради фабрика во Бугарија или Турција за производство на автомобили од нејзиниот бренд и на модели на „Фолксваген“, соопшти првиот човек на синдикатот на компанијата Јарослав Повшик.

Двете земји имаат доста предности. Турција има посолидна инфраструктура, но Бугарија е политички постабилна и е членка на Европската Унија, изјави Повшик за Радио Прага.

Повшик нагласи дека синдикатот ќе бара одговор од раководството на „Шкода“ дали отворањето на новата фабрика во странство ќе влијание врз бројот на вработените во погоните на компанијата во Чешка и врз нејзините бизнис планови.

За отворањето на погонот на „Шкода“, која е дел од групацијата „Фолксваген“, интерес пројавија повеќе земји во Источна Европа, но како што објавија неколку германски весници минатата недела, во најтесниот круг за изборот останале Бугарија и Турција.

Конечната одлука за местото на кое ќе ја гради новата фабрика во вредност од 1,3 милијарди евра, „Шкода“ треба да ја донесе кон средината на јули.