На неколку грчки острови владее експлозивна ситуација заради бегалците и имигрантите, кои живеат во несоодветни услови, додека надлежните планираат нивно преместување во континенталниот дел на земјата, објавува германски „Ханделсблат“.

И грчки медиуми изминативе денови пишуваат за лоша состојба со бегалците, при што се спомнува дека само на Самос престојуваат 6.000 бегалци и имигранти во капацитет предвиден да прими само 700 луѓе. Така, надлежниот министер Димитрис Вицас  планира трансфер на околу 6.000 бегалци, од кои дел на северот на земјата, односно кон границата со Македонија.

Како еден од главните проблеми кој придонел Самос да се „затне од бегалци“ е спората процедура на издавање азил. Така, се нагласува дека тие што аплицирале не може да се надеваат на решавање на барањата до септември 2019 година, иако тоа е предвидено да се решава во 90 дена. Сепак, оценките се дека тие предвидувања, „се утопија“.

Во написот се додава дека бегалците влегуваат во Грција преку Еврос и оти постои опасност доколку Турција пушти бран бегалци кон соседот да се предизвика критична ситуација на грчките острови.

Германскиот весник се занимава и со новите рути на бегалците по затворањето на Балканската во 2016 година. Се наведува дека едната рута оди преку Албанија, Црна Гора, Боснаи Херцеговина, Хрватска и Словенија, а другата од Грција преку Јадранот во Италија, при што се повеќе нерегуларни имигранти патуваат кон Европа со фалсификат пасоши.