Во црногорските води синоќа вплови норвешкиот брод „Полар Емпрес“, кој ќе го истражува дното под Бар и Улцињ во потрага и евентуална експлатација на нафта и гас. Ова е еден од трите бродови на норвешката компанија „Шерватер“, кои ќе истражуваат дали има нафта под морето во водите на Црна Гора.

Првиот брод на оваа компанија, со име „Севн Вејвс“, вплови пред шест дена во Барскиот залив.

Активистите имаа испишано пароли: Стоп за бушењето во Јадранот 

Тогаш активисти на неформалната група на граѓани СОС за Црна Гора тргнаа во повеќедневен марш од Улцињ до Игало во знак на протест заради овие истражувања, за кои меѓу другото тврдат дека се директна закана за морската флора и фауна на местата каде ќе се истражува.

Рибата која нема да биде убиена ќе побегне. Рибата која не е во состојба да побегне ќе изумре. И не само рибите туку и оние организми кои живеат во морето. Праксата од другите земји во светот покажала дека зачестувањето на земјотресите по сеизмичко истражување се зголемува десет пати, изјави Мирсад Кургаш, претставник на здружението.

Од институтот за биологија во Подгорица велат дека овие истражувања нема да предизвикаат драстични промени во морскиот еко систем.

Истражувања се спроведени и во Хрватска во 2013, претходно во седумдесетите години од минатиот век во различни фази, но драстично не се промени ништо ни во билниот ниту животинскиот свет, изјавиле од институтот.

Деновиве треба да се започне со сеизмичко снимање на дното

Норвешкиот брод „Полар Емпрес”, долг 117 метри, специјализиран за истражување нафта ќе испитува околу 1,200 километри квадратни површина морско дно на местата за кои концесија доби италијанско-рускиот конзорциум „Ени-Новатек”.

Регионот каде ќе се снима морското дно во потрага по нафта

Претставниците на италијанско-рускиот конзорциум „Ени и Новатек” и црногорските власти потпишаа договор за концесија, со кој е предвидено концесијата да трае 30 години и да се однесува на четири блока кои се наоѓаат на крајниот југ на црногорското подморје, во непосредна близина на границата со Албанија.

По завршувањето на снимањето, следи читање на резултатите, по што концесионерот ќе одлучи дали ќе извршува вадење нафта. Тоа се очекува кон крајот на идната или почетокот на 2020 година.

Управата за поморска безбедност на Црна Гора веќе емитува предупредувања за поморците и рибарите кои се во сила до крајот на 3Д снимањето.