Турската полиција со солзавец ги растури протестите на сириските мигринати, кои протестираа против одлуката на властите во Истанбул да ги депортираат од градот сириските граѓани, кои нелегално престојуваат во него. Агенциите јавуваат и за уапсени лица.

Протестите се одржаа по иницијатива на организации на сириски мигранти во градската четврт „Фетах“. Учесниците носеа арапски знамиња и плакати со натписи на арапски јазик.

Сиријците се обиделе да прокламираат декларација до властите со која се бара да се спречат мерките за депортација на сириските мигранти од Истанбул. Полицијата не им дозволила да го сторат тоа, употребувајќи солзавец и притоа дошло до судири.

Истовртемено, имало и протести на турски граѓани против Сиријците, но благодарение на полицијата не дошло до меѓусебни судири.

Властите во Истанбул им дадоа рок до 20 август на нелегално дојдените сириски граѓани да се вратат во местата каде биле депортирани и регистрирани. Во спротивно, тие ќе бидат депортирани назад во Сирија.