Албанија слично како и Македонија чека да ги почне преговорите со Европската унија. Но, до пред нецели триесет години кај нашиот западен било невозможно да се влезе а уште потешко да се излезе.

Албанија веднаш по Втората светска војна па се до почетокот на деведесттите години под водство на Енвер Хоџа била најзатворената земја во Европа. Комунистичкиот лидер владеел со цврста рака.

Народот се држел во постојан страв дека може да биде нападнат а оти единствени пријатели во светот им се Советскиот Сојуз и Кина. Енвер Хоџа за непријател ја сметал и Југославија со Јосип Броз Тито. За да ја заштити земјата од напад од странските непријатели наредил да се изградат дури 300.000 бункери низ цела Албанија.Најголемиот бил изграден во центарот на Тирана кој сега е претворен во музеј.

„Република“ влезе во овој бункер од кој не можете да излезете рамнодушни. Кога ќе слезете надолу веднаш може да се почуствува низ што поминал албанскиот народ под водство на Хоџа.

Неговата тајна служба „Сигурими“ држела под под контрола буквално се. Специјални агенти опремени со тогаш најсовемените средства за комуникација прислушкувале насекаде па дури и соседот си го прислушкувал тој до него со тоа што во заедничкиот ѕид имало ставено уреди за прислушкување.

Слично како и Југославија и Албанија си имала свој „Голи Оток“ со затвори во цела Албанија. Таму биле затворени голем број затвореници меѓу кои и Македонци.

Нивните досиеја и денеска се чуваат со документи зошто биле затворени и колку треба да лежат. Останатите пак кои не биле за во затвор биле дискредитирани на секаков начин па дури им биле правени монтажи во весници и партиски гласила.

Како сега што се прави во фотошоп тогаш биле додавани или сечени глави и лепени на фотографија.

Останатите пак биле носени во т.н соба за истрага каде им се пуштала заслепувачка ламба се додека не признаат она што го сториле или пак не го сториле, но морале да попуштат.
Дека Албанија била под постојан страв дека некој може да ја нападне покажува и кабинетот на тогашниот министер за внатрешни работи.

Тој бил во готовност само три пати: По смртта на Хоџа во 1985 години, по големите немири во 1998 година и она што е најсвежо за време на НАТО интервенција на Србија во 1999 година. Во овој кабинет министерот можел да престојува долго време бидејќи до канцаларијата имаа работна просторија и соба за одмор.

За итен случај подземниот ходник водел право до зградата на министерството за внатрешни работи.И она што кај сите остава најголем впечаток е оградата со која била означена границата помеѓу Албанија и Југославија.

Оној кој ќе успеел да пребегне било пукано или пак биле пуштани специјално обучени кучиња дресирани на мирисот на наметката што вообичаено ја носат бегалците. За 40 години избегале околу 9220 Албанци а 988 биле убиени при обидот за премин.