Пратениците од партиите кои се дел од Сојуз за Србија, почнаа со бојкот на работата на српскиот парламент. Во бојкотот учествуваат и пратениците од Клубот на независни пратеници, кои не се членки на Сојузот за Србија, но се потписници на „Договор со народот” и листата на барања за фер и слободни избори.
Тие порачаа дека бојкотот е нивна обврска кон граѓаните кои протестираат во Србија и дека на овој чекор се обврзани со Договорот со народот, кој го имаат потпишано.
„Ние, потписниците на „Договорот со народот” сме сериозни луѓе и една од точките на документот е напуштање на сите институции и тоа што го потпишавме сега го спроведуваме. Опозициските пратеници ќе ги напуштат и седницата на локалните собранија. А ние на секој половина час ќе држиме конференци на кои ќе зборуваме за законите што се на дневен ред. Сите нека дознаат дека во Србија од денеска постојат две собранија – насилнички, узурпаторски и демократски, кој ќе заседава во ходникот на Собранието“, изјави лидерот на Двери, Бошко Обрадовиќ, кој е член на СзС.
СзС најави дека ќе бараат оставка од министерот за образование Младен Шарчевиќ и на сите останати од извршната власт, како и од претседателката на Собранието Маја Гојковиќ да поднесат оставки, бидејќи, како што рече заменик-претседател на Народната партија (НС) Мирослав Алексиќ, истите ги имаат повеќепати прекршено законите и Уставот.
„Во Србија денеска е колапс на системот, не работи ниту една институција, сите институции се киднапирани од страна на еден човек. Усвојувааат закони „на килограми” и Собранието го користат како проточен бојлер. Ние нема да им дадеме легитимитет на колапсот на институциите“, истакна Алексиќ.
Шефот на парламентарната група на Демократската партија (ДС) Горан Ќириќ истакна дека бојкотот е обединета порака што опозицијата ја испраќа на граѓаните кои учествуваа во протестите.
На денешното заседание на Собранието, од останатите опозицијски партии учествуваат само пратениците на Српската радикална партија на Воислав Шешељ, лидерот на Либерално-демократската партија Чедомир Јовановиќ и Лигата на социјалдемократите на Војводина.
Како реакција на овој чин на српската опозиција се јави шефот на пратеничката група на владејачката Српска напредна партија (СНС) во Александар Мартиновиќ, кој посочи дека членовите на СзС, кои ја бојкотираат работата на Собранието, продолжуваат со старата пракса „да ја бојкотираат својата работа, но не и привилегиите што ги имаат во Собранието”.
„За бојкотот на пратениците, кои припаѓаат на така наречениот Сојуз за Србија, тие продолжуваат со старата пракса – ја бојкотираат нивната работа, но не и привилегиите што ги имаат во Собранието. Пред некој ден платите и паушалите се исплатени, овие господа истата ја примија, но не се појавија на седницата“, истакна шефот на парламентарната група на СНС, Мартиновиќ.
Тој поединечно ги прочита имињата на пратениците кои не дојдоа на седницата.
Comments are closed for this post.