Властите во Романија запленија повеќе од еден тон високовалитетен кокаин кој бил скриен во моторен чамец кој се превртел во Делтата на Дунав, а соопштено е и дека полицијата привела двајца Срби.

Полицијата денеска запленетите вреќи со кокаин ги донесе во агенцијата за организиран криминал во Букурешт, а неговата улична вредност се проценува на 300 милиони евра, пренесува Асошиејтед прес.

Феликс Банила, главниот обвинител во Управата за борба против организиран криминал и тероризам изјави дека полицајците го пронашле кокаинот на 22 март покрај превртениот глисер во местото Свети Ѓорге, во источна Романија.

Банила рече дека дрогата стигнала преку море и дека минувала низ Романија.

Надлежните на 20 март, пронашле пакет во кој имало еден килограм кокаин во градот Тулча, а потоа е отпочната истрага која довела до превртениот глисер во кој имало повеќе од еден тон и 40 килограми дрога.

Дрогата била спакувана во неколку пакети, во гумени балони, а пакувањето било исто како и она кое полицијата го пронашла на 20 март.

Романското обвинителство го истражува овој случај во соработка со српските власти. Наводно се вмешани двајца Срби. Едниот е задржан додека ја преминувал границата, односно влегувал во Србија, а другиот е уапсен во регионот Прахово, возејќи камион кој е регистриран во Србија.