Новиот поглавар на Српската православна црква патријархот Порфириј ќе биде востоличен денеска на молитвена свеченост во Соборната црква Св. Архангел Михаил во Белград.

Литургијата ќе почне во 9 часот  и со чинот на востоличување новиот патријарх ги презема сите права и должности штому припаѓаат по каноните и црковниот Устав.

При востоличувањето, новиот патријарх ќе одржи пристапна беседа.

Патријархот Порфириј ќе ги извести за своето востоличување останатите автокефални цркви. Тој го наследува тронот на СПЦ од патријархот Иринеј кој почина од Ковид-19 пред три месеци.

Досегашниот митрополит загрепско-љубљански Порфириј е избран за нов патријарх на Српската православна црква на изборен Сабор на архиереите. Митрополит Порфириј важеше како еден од најсериозните кандидати за избор бидејќи е близок со влијателниот епископ бачки Иринеј, како и со српскиот претседател Александар Вучиќ. Неговото име беше извлечено од еден монах меѓу три плика со имињата на сите тројца кандидати. Освен него, кандидати беа епископто бачки Иринеј и бањалучкиот митрополит Ефрем.

Порфириј спаѓа во редот на помладите владици на СПЦ, роден е во 1961 година. Беше викарен епископ на епископот бачки Иринеј, а последните години е на чело на главната епархија на СПЦ во Хрватска.