Партијата за слобода и правда (ССП) на Драган Ѓилас донесе одлука да ги бојкотира следните парламентарни избори во Србија.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Ѓилас на почетокот на седницата на Главниот одбор на партијата, рече дека одлуката за бојкот не е одлука за тоа дали да се гласа или не, за бројот на мандати или за финансиските средства што ги добиваат партиите при влегувањето во собранието, туку е одлука за спротивставување, на отпор на „заробената држава“.

Во овие околности, кога постои еден обвинител, судија и една вистина, каде постои страв кај луѓето да покажат слободна волја, не постои можност ССП да учествува на вакви избори, изјави Ѓилас, додавајќи дека одборот ја поддржал одлуката на претседателство од пред два месеци партијата да остане доследна на она што го ветила преку Договорот со народот и дека во сегашните околности нема да излезе на избори.

Во Србија непостојат изборни услови. Претседателот Александар Вучиќ може 100 пати да испрати порака дека „на власт се доаѓа со поддршка на народот и на избори“. Ние тоа го знаеме, но бараме народот да ги слушне и да ги види луѓето кои размислуваат поинаку, не само опозициски политичари, туку и научниците, работниците, академиците, лекарите “, рече Ѓилас.

За идејата за преодна влада, Ѓилас рече дека идејата е покрената на таков начин што Александар Вучиќ на неа може да одговори и опозицијата да се подели.

Ние имаме 42 барања што ги поддржуваме, потребно е да се создаде механизам за нивно спроведување. Без разлика дали станува збор за модел на техничка влада што беше во Македонија или Црна Гора, мислам дека се уште е рано за тоа да се разговара. Но, ако сакате да ја намалите агресијата и да станеме нормална земја, тогаш веројатно ќе дојдеме до некоја форма што ќе гарантира некои работи и ќе ги намали тензиите, рече Ѓилас.

Тој рече дека членовите на ССП се оние кои веруваат во ЕУ и затоа се погодени од некои пораки што доаѓаат од таа заедница. Затоа ја испраќаат истата порака до граѓаните, меѓународната заедница и Европа – дека за Србија, како што тие ја гледаат, ќе се изборат сами и дека нема да му должат на никој ништо, а кога ќе дојдат на власт, ќе инвестираат во луѓето, ќе ги зголемат платите, ќе ги вратат во државна сопственост рудните и шумските ресурси.

Ѓилас кажа дека очекува до 15 септември и другите членки на Сојузот за Србија (СзС) да донесат иста одлука, додавајќи дека очекува одлука за бојкот и од сите други групации кои се вистинска опозиција во Србија.

Досега од членките на коалицијата на СзС, одлука за бојкот на престојните паламентарни избори имаат донесено Народната партија (НС) на Вук Јеремиќ, Двери на Бошко Обрадовиќ, а се очекува наскоро тоа да го стори и Демократската странка (ДС).