Независни Грци на министерот за одбрана, помалиот владин партнер, Панос Каменос, на денешната вонредна координација на пратеничката група донела одлука да не даде поддршка за Преспанскиот договор.Тоа, како што објавија грчки медиуми, сепак, нема да значи и поддршка за паѓање на Владата на премиерот Ципрас.

По состанокот на парламентарната група на АНЕЛ е сопштено дека имало спротивставени ставови за реконструкција на Владата или за нејзино паѓање, но одлуката за Преспанскиот е цврста.

Од друга страна, денес нов напад врз Алексис Ципрас изврши лидерот на опозициската Нова демократија, Киријакос Мицотакис, кој рече дека премиерот го „испазарил Преспанскиот договор со кастрењето на пензиите“. Всушност, според Мицотакис, поддршката за Преспанскиот е добиена со тоа што Брисел не се држел на претходните ставови за кастрење на пензиите, само за да помине договорот за името.

Но, порача Мицотакис во парламентот, „доаѓа крај на долгото патување на Ципрас, на неговите 1.447 мрачни денови на владеење“.