Се боревме за нашето постоење како Македонци целиот живот, исто како и нашите предци. Никој нема право да го смени нашето име, националност, идентитет и историја со еден потег на пенкалото“, вели отец Никодим Царкњас, познат македонски борец за човекови права од Соботско во регионот на Воден (анектиран од Грција по поделбата на Македонија во 1913).

„Македонците во Егејска Македонија се 100 проценти против Преспанскиот договор“, истакнува Царкњас.

Според него Грција го создаде „спорот за името“ како дипломатско прашање меѓу соседите иако признаваат дека нивна цел е да создадат проблем за името за да го искоренат постоењето на Македонците во Грција. „Со наметнувањето на Преспанскиот договор, тие ја исполнуваат целта“, истакнува отец Царкњас.

Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП), кое ја пренесува изјавата на Царкњас, додава дека „Македонците во Грција сега официјално не постојат според Преспанскиот договор. „Новите тврдења од не-Македонци во Грција за „регионален макеоднски идентитет“ не може да биде замена за националност.

„Не може да се потпише договор кој е создаден со цел да се редефинира и избрише една етничка група. Преспанскиот договор не може да се гледа само како договор за „решавање“ на прашањето на името на државата, бидејќи со него и се наметнува на една вековна заедница како смее да се дефинира себеси: Членот 7 (2) определува дека „Овие изрази (Македонија и македонски) ја означуваат не само областа и народот во северниот регион на Првата страна (Грција), туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката до денешен ден“, се вели во соопштението од ММДЧП.