На Факултетот за политички науки во Белград денеска е одржана петта тркалезна маса во рамки на Дијалогот за избори 2020 меѓу власта и опозицијата и невладините организации, која беше посветена на проблемите во избирачкиот список и изборната администрација.

На тркалезната маса, покрај претставници на владејачките партии, од опозицијата учествуваа само преставници на Движењето на слободни граѓани (ПСГ), од Демократскиот форум (ДФ), Лигата на социјалдемократите на Војводина (ЛСВ), Либерално демократската партија (ЛДП), Странката на модерна Србија.

На дијалогот не дојдоа претставници од најголемата опозициска коалиција Сојузот за Србија (СзС) согласно одлуките за бојкот на изборите, како и од Нова Странка (НОВА), Демократска партија на Србија (ДСС), Доста беше (ДЈБ) и од Српската радикална партија.

Извршниот директор на Фондацијата Отворено општество, Милан Антонијевиќ оцени дека на денешната средба била изразена подготвеност да се разговара со работната група на Владата на Србија за изборните услови.

Наведувајќи дека на денешната средба на темата избирачки список се разговарало на повисок тон, иако станува збор за техничка тема, тој рече дека е изразена подготвеност да се продолжат разговорите и да се организира јавна расправа за работата на РЕМ.

Антонијевиќ истакна и дека имало разговори за министерства кои би можеле да ги спроведат препораките од денешниот дијалог и за вклучување претставници од тие ресори на наредните состаноци.

Ѓорѓе Миличевиќ од владејачката СПС рече дека некои од препораките што ги слушнале биле прифатливи, додека други се „крајно ригидни“.

-Ми се чини дека ваквите разговори се бесмислени, затоа што од нас е побарано да се изјасниме за препораките, а немаме дел од опозицијата да присуствува на тркалезната маса, рече Миличевиќ.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, ПСГ соопшти денеска дека нема да учествува во разговорите во рамки на дијалогот меѓу власта и опозицијата, ниту на еден друг состанок, без активно и директно вклучување на меѓународната заедница, доколку не се донесе обврзувачки документ за изборните услови.

Претседателот на Народната партија (НС), Вук Јеремиќ, во пресрет на денешната тркалезна маса преку соопштение изјави дека во следните неколку недели ќе се одржи „битка за душата на опозицијата“, бидејќи ќе следат „ужасни притисоци“, како од режимот така и од меѓународната заедница, врз опозициските партии да се откажат од бојкотот и да излезат на изборите.

-Ако одиме на вакви избори, Вучиќ ќе владее најмалку уште четири години. Ако не потклекнеме, слободните избори ќе се случат многу порано и Вучиќ ќе ги изгуби, рече Јеремиќ.

Тој објасни дека сите одлуки на постизборните институции ќе бидат нелегитимни, како и сите меѓународни договори што ќе ги потпише власта, вклучително и евентуалниот договор за „разграничување“, според кој Приштина ќе добие место во ОН.

-Ова предизвикува непријатност во меѓународната заедница, затоа што следната влада ќе може да каже дека ваквите договори не се обврзувачки. Режимот на претседателот на Србија и лидер на СНС, Александар Вучиќ се хранеше, толерираше и го пуштија да мутира во чудовиште затоа што некого му беше потребно да ја заврши работата со Косово. Тој долг сега доаѓа за наплата, рече Јеремиќ.