Пожар кој не може да се контролира и заради ветрот брзо се шири во Ситонија, вториот крак на Халкидики, му се заканува на познатото туристичко место Сарти.

Солунските медиуми објавија дека пожарот почнал во близина на Платаница при што била зафатена борова шума. Акцијата на пожарникарите е отежната заради силниот ветар.

Од фотографиите објавени на социјалните медиуми може да се види една широка зона покриена со густ чад. Локалниот пат кон Ситонија кај Вурвуру е затворен.

Според АНТ1, најзагрозен е Сарти каде што пожарот многу брзо се шири и зафатил површина од три километри. Во операцијата на гасење на пожарот учествуваат 80 пожарникари со 40 возила, четири „канадери“ и два хеликоптера. Заменикот градоначалник на Сарти изјави дека ситуацијата е опасна и оти мораше да ја исклучат електричната енергија поради што немаат телефонски комуникации, а тоа ја отежнува операцијата за гасење и локализирање на стихијата.