Државниот секретар на Португалија за европски прашања, Ана Пола Закаријаш, изрази надеж дека изборите во јули ќе донесат решение за ветото на Бугарија за започнување на преговорите за членство на ЕУ со  Македонија.

Министерката Закаријаш, чија земја ќе го предаде ротирачкото претседателство на Словенија на 1 јули, очекува дека како земја од истиот регион ќе помогне да се најде решение за проблемот, но истакна дека позицијата на Бугарија мора да се почитува и да нема несогласувања во ЕУ.

– Ова е многу тешка дебата, особено за Бугарија, поврзана со историјата, културниот идентитет на двете земји, како и идната соработка. Во моментов, тие работат на нешто како патоказ кој ќе им помогне да работат заедно, и Бугарија да има гаранции дека кога Северна Македонија ќе влезе во ЕУ, работите ќе се одвиваат непречено. Северна Македонија помина низ тешки преговори со Грција – запомнете дека го смени името на земјата. Но, тоа е многу тешко, бидејќи е исто така поврзано со Бугарија како култура и јазик. Очигледно е поврзано со јазикот на Северна Македонија, кој некогаш бил дел од бугарскиот јазик и културните димензии на обете земји. Бугарија има нови избори на 11 јули и мислам дека бугарските власти ги чекаат своите резултати пред да одлучат како да постапат,  рече таа пред новинарите во Лисабон.

Министерката Закаријаш го опиша како „важен момент“ да не се донесат несогласувања меѓу двете земји во ЕУ:

– Ние мора да ја почитуваме бугарската позиција и тоа го сторивме. И важно е да не се воведат несогласувања и проблеми во ЕУ меѓу две земји. Ние сакаме тие да бидат решени пред некоја земја да влезе во Европската унија. Затоа не можеме да отпочнеме, затоа што мораше да и дадеме време на Бугарија да го реши ова со Северна Македонија пред да ја свикаме меѓувладината конференција ,

Закаријаш рече дека Бугарија е исто така под притисок да најде компромис:

– Тука постои рамнотежа, затоа ние извршивме притисок и врз Бугарија, затоа што ставивме добар предлог на маса – да се разгледа, да се види дали може да проработи. Ние исто така работиме со Северна Македонија и се обидуваме да видиме дали ќе дојде време кога можеме да се согласиме за ова,

На прашањето на „Хоризонт“ дали е реално да се промени оваа позиција, околу која има многу широк јавен консензус, како и забелешката дека Бугарија не е против европската перспектива на Северна Македонија, туку едноставно сака да се запре антибугарската реторика и заедничката историска комисија да ги продолжи своите состаноци, министерот Закаријаш одговори:

– Она што го чувствувам е дека времето не беше соодветно. На Бугарија и требаше повеќе време да разговара за овие прашања. Дали ќе има избори или не, верувам дека преговорите со Северна Македонија мора да продолжат, особено во однос на патоказот, кој мора да биде јасен. Двете земји се обидуваат да го искажат својот став – Бугарија секогаш велеше дека не е против членството на Северна Македонија во ЕУ, напротив, таа сака да биде таму. Но, таа додаде дека треба да има јасност во некои аспекти. Затоа понекогаш е потребно повеќе време, поголема претпазливост и дебатата треба да продолжи. Сигурен сум дека нашите колеги од Словенија, кои се од истиот регион, секако можат да го поддржат овој процес и да помогнат да се придвижи со сите сили. Мислам дека нашите напори беа ценети и од Бугарија и од Северна Македонија. Но, потребно е време и балансирање на притисокот што го правиме и разбирање на ситуацијата што треба да се постигне. Како претседателство, сакавме да ја одбележиме оваа точка, но треба да ги разбереме околностите“