Од денеска до 16 март, во Грција се воведуваат построги мерки, со кои се ограничува движењето и се зголемуваат контролите, објави попладнево заменик-министерот за цивилна заштита Никос Хардаљас.
Како што јави МИА од Атина, Грција е поделена во две зони- темноцрвена (многу зголемена опасност) и црвена (зголемена опасност) во зависност од епидемиолошката слика.
Атика, Солун и уште 17 други региони се во темно црвената зона, односно ниво на многу зголемена опасност, каде што полицискиот час е од 19 часот до 5 часот наутро, со исклучок на Солун и Атина, каде што од понеделник до петок ќе биде од 21, а само за викендите од 19 часот, а затворени се сите училишта.
Во црвената зона се останатите делови на Грција, каде полицискиот час почнува од 21 часот, додека пак настава со физичко присуство следат учениците од основните и дел од средните училишта.
Во следните 12 дена, ќе важат нови правила во однос на смс – пораките кои граѓаните, за време на карантинот ги користат за движење, избирајќи една од понудените шест опции.
Измените со новите мерки се однесуваат на продавниците за храна (супермаркет, минимаркет и сл) и банките, при што дозволено ќе биде посета само во рамките на општината или најмногу до два километри оддалеченост од местото на живеење.
Заострување има и во однос на физичките активности, односно не е дозволено спортување или шетање на милениче во друг регион.
Областа Атика, поширокиот регион Атина, иако веќе 20 дена е во строг карантин, сепак има зголемен број нови случаи и зголемен број хоспитализирани.
Во изминатите 24-часа во Грција се регистрирани 2 702, нови случаи со ковид-19, а 1 270 од новозаразените се во областа Атика. Регистрирани се и 40 смртни случаи, а 431 лица се на апарати на Одделите за интензивна нега.
Comments are closed for this post.