Скопје не може да не надмудри, затоа што Македонија е таа што тропа на вратите на ЕУ, а Бугарија треба да и ги отвори, вели бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов.

Тој порачува Македонија да не се надева многу на фактот што во Бугарија престојат парламентарни избори:

-Без оглед на политичката конфигурација во Бугарија по изборите, дали во владата ќе доминира ГЕРБ или БСП, дали ВМРО ќе учествува во владата или не, убеден сум дека нема да има бугарска партија што ќе ги предаде бугарските национални интереси, вели Каракачанов за Bulgaria ON AIR.

Ваквата „надеж во Македонија“ Каракачанов ја смета за глупост:

– И ова е глупоста во Скопје. Тие сметаат дека со трикови, со надворешен притисок врз Бугарија, можат да продолжат да ја водат оваа антибугарска политика, која ја водат со децении, наместо да седнат чесно, фер, нормално, да имаат нормален дијалог, а не да се обидуваат да не надмудрат, вели Каракачанов.

Според него, Скопје не може да ги „надмудри“, затоа што Македонија тропа на вратите на ЕУ, а тие треба да ги отворат. Вели дека контроверзните прашања ако сакаме можеме да ги решиме за половина година или за период од најмногу две години.