Скршени врати и прозорци, фрлање молотов коктел и тврди предмети, поставување на партиското знаме на Демократската партија пред Владата, а потоа и палење на дрвјата околу зградата. Ваква беше сликата на масовниот антивладин протест организиран од обединетата албанска опозиција пред Владата во Тиранa.

Протестот траеше околу пет часа, а како што најави лидерот на Демократската партија, Љуљзим Баша, следнот протест ќе се одржи в четврток во 10:00 часот.

“Денеска секој е сведок на моќта на обединетите граѓани. Протестите ќе продолжат се до соборување на криминалната Влада на Рама, формирање преодна влада и спроведување предвремени парламентарни избори. Ова криминална банда мора да си оди. Таа не дојде со поддршка на граѓаните туку со украдени гласови. Мора да си оди и народот на слободни избори да одлучи кој ќе ја предводи државата, порача Баша, кој уште еднаш го обвини Рама за „добро организирано сценарио” за насилството што се случи на почетокот на протестот.

Протетстите ескалираа по пробивањето на полицискиот кордон пред Владата. Состојбата се смири откако полицијата употреби солзавец и го засили обезбедувањето со припадници на Националната гарда.

Според опозицијата, просуствуваа над 100 илјади лица, а информаците говорат дека повредени се 15 лица, од нив петмина полицајци, од кои двајца посериозно.