Народната банка на Србија (НБС) на денешната вонредна седница на Извршниот одбор усвои одлуки со кои се пропишува застој во отплатата на обврските на должниците (мораториум).
Имајќи ја предвид потребата од одржување на постигнато ниво и дополнително зајакнување на стабилноста на финансискиот систем во услови на потенцијални ризици предизвикани од вонредна здравствена состојба во земјата, НБС донесе Одлука за привремени мерки за зачувување на стабилноста на финансискиот систем и Одлука за привремени мерки за даватели на лизинг со цел да се одржи стабилноста на финансискиот систем.
По повод усвоените мерки, гувернерката на Народната банка на Србија Јоргованка Табаковиќ изјави дека е неопходна финансиска стабилност и во редовни и посебно во вонредни околности во земјата.
– Народната банка на Србија, во координација со другите државни органи, ги презема и ќе ги преземе сите неопходни мерки за заштита на стабилноста и во вонредни околности да ја олесни позицијата на граѓаните и економијата на Република Србија. Свeст за неопходност за одговорно однесување на сите учесници на пазарот во овие чувствителни моменти е од непроценливо значење за надминување на тешкотиите со кои можеме да се соочиме, вели Табаковиќ, се наведува во соопштението на НБС.
Мораториумот е пропишан за сите должници кои го сакаат тоа (физички лица, земјоделци, претприемачи и компании), и подразбира застој во отплатата на обврските кој не можe да биде покус од 90 дена, односно од времетраењето на вонредната состојба воведена поради пандемијата.
Во овој период, должникот не е обврзан да ги отплаќа своите обврски по основа на кредити или лизинг.
Секако, според НБС, должниците на банките, односно примателите на лизинг, не се спречени редовно да ги подмируваат своите обврски и по спроведувањето на овие мерки.
– За време на вонредната состојба, банката, како и давателот на лизинг, нема да пресметуваат затезна камата на доспеаните а неподмирени долгови и нема да иницираат постапка за извршување односно присилна наплата, ниту пак ќе преземат други правни активности за да ги наплатат своите побарувања од клиентите, соопшти НБС.
Покрај тоа, банката, како и давателот на лизинг, нема да можат да бараат од заемопримачот никакви трошоци поврзани со спроведувањето на донесените регулативи.
Comments are closed for this post.