Албанија ги објави на интернет податоците за своите разузнавачи во различни места во Европа, пишува британскиот весник „Индипендент“.

Државата, која е членка на НАТО, случајно ја публикувала класифицираната информација-имињата, марките автомобили, регистарските таблички, идентификационите броеви, броевите на пасошите, оперативни графикони, детали за патувањата, платите и секојдневните навики. Тоа предизвика највисок степен на тревога во НАТО, зашто ако некој може да влезе во албанскиот систем, тој влегува и во системот на НАТО, пишува весникот.

Сите детали се објавени на веб-страната на албанското Министерство за финансии во рамки на извештајот за финансиската состојба на албанската разузнавачка служба ШИШ.

Таа работи во државата и во странство и му одговара директно на премиерот Еди Рама. Има пет организациони структури-оперативна, надворешно разузнавање, контраразузнавање, служба за борба против организираниот криминал и антитерористичка единица.

НАТО објави највисок степен на тревога не само затоа што агентите требаше успешно да бидат повлечени од местата каде оперираат, туку и поради стравувањето дека шпионската мрежа била откриена и во други делови од светот.