На сите патни правци Во Албанија што поседуваат стандарди на автопат во иднина ќе се наплатува патарина, соопшти албанскиот министер за инфраструктура и енергетика, Дамиан Ѓикнури. Причината за ваквата одлука е тоа што, како што појасни Ѓикнури, државниот буџет не може да ги задоволи потребите за одржување на националните патишта.
Одлуката почна да се реализира со воведената наплата на патарина на автопатот Тирана-Кукс-Морина наречен „Пат на нацијата“.
Принципот за мене е: оној кој го користи патот, мора да плати за одржување. Во иднина, мислам дека сите патишта во Албанија треба да бидат управувани од приватни компании, рече Ѓикнури пред членовите на парламентарната комисија за економија.
Сопартиецот на Ѓикнури, социјалистот Анастас Анѓели, смета дека независно од потребата за финансирање на одржувањето на патиштата, треба да се гледа и на социо-економска страна на граѓаните.
Во ред дека треба патарина, но не и вкупната цена за одржување на патиштата да падне врз грбот на граѓаните, рече Анѓели.
Инаку, од понеделникот за минување по „Патот на нацијата“ почна да се применува одлуката за наплата на патарина, која се движи од 2,5 евра за моторцикл, пет евра за патнички возила, 11,2 евра за автобуси и камиони со помала носивост, 16,2 евра за камиони со средна носивост и 22,5 евра за тешки товарни возила.
Comments are closed for this post.