„Сребрена стрела“, супер модерниот воз кој треба да ги поврзува Атина и Солун за само 3,5 часа, уште пред официјалниот старт „излетал од шините“. Возот се вратил во Италија и неизвесно е кога ќе почне да сообраќа на пругите во Грција.

Возот „сребрена стрела“ беше претставен на Саемот во Солун како „иднината на железницата во Грција“, но инфраструктурата во моментов не може да го поддржи тој модерен воз. Ова било заклучено откако возот ја помина рутата за негово тестирање од Солун до Катерини, по што тој е вратен во Италија, земја која го произведува модерниот воз.

Според грчки медиуми, сосема е неизвесно и дали воопшто ќе се направи во скора иднина инфраструктура која би можела да одговара на воз кој ќе сообраќа со брзина поголема од 250 километри на час.

Откажувањето на проектот „сребрена стрела“ го коментираше пратеникот Гиоргиос Киртос, кој рече дека „стрелата“ била искористена за пропагандни цели од премиерот Ципрас. Тој притоа додаде дека инфраструктурата нема да биде соодветна дури и кога целата пруга кога ќе се електрифицира од Атина до Солун.