Синдикатот на пензионираните воени лица на Србија и Здружението на синдикатите на пензионерите на Србија објавија дека на 30 октомври ќе организираат протести во Белград и во  другите градови поради лошата реформа во пензискиот систем и материјалниот статус на пензионерите и вработените.

Сакаме да испратиме пораки до актуелната влада на легитимен и демократски начин, до домашната и меѓународната јавност, дека не се помируваме со неуставната и нетранспарентна реформа на пензискиот систем во Србија, во која не се почитуваат правата на актуелните и идните пензионери стекнати преку плаќање придонеси во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување – се наведува во соопштението на синдикатите.

Според нив, сиромаштијата на пензионерите е резултат на долгорочното неусогласување на пензиите за најмалку 20-25 проценти поради зголемување на трошоците за живот, врз основа на официјалните статистички податоци за инфлацијата.

Тие ќе побараат од Владата итно да отпочне јавна расправа за реформата на пензискиот систем на Србија што ја спроведуваат, како што тврдат,  „нетранспарентно и без дијалог со вработените, пензионерите и работодавачите, а на сметка на осигуреникот”.