Од почетокот на 2019 година Албанија почнува национална акција за запирање на „зависноста од кладеење“, феномен кој зафатил многу семејства во земјата.

Од 1 јануари законот за коцкање ќе стапи во сила со што ќе се стават под катанец 4.300 обложувалници кои изникнаа речиси на секој агол во земјата со население од 2,8 милиони жители, објавува Албаниан њуз.

Владата соопшти дека паралелно со оваа акција, ќе бидат отворени и центри за рехабилитација, каде коцкарските зависници ќе се одвикнуваат од лошата навика.

За премиерот Еди Рама, овој закон е уште еден чекор во пресечувањетро на каналите на дотур на готови пари за организираните криминални групи кои профитираа од индустријата и ја користат како пералница за пари. Притоа, тој признава дека со новиот закон нема да се стави крај на борбата со криминалните групи, една од клучните цели на владата во Тирана, што е и услов за почнување преговори за членство со ЕУ.

Некои кладилници веќе беа затворени месецов, додека тие што останаа да работат последните денови од годината ги искористија максимално за да можат да спечалат што е можно повеќе пари.

Според законот, се затвораат спортските кладилници, центрите за Бинго, кладењето на коњски трки, интернет кладењето а се ограничуваат и интернет казината. Електронските казина ќе можат да работат само во хотели со пет ѕвезди и во ризорти.

Досега во бизнисот со кладилниците се остварувал годишен приход од 130 милиони евра, тое е пријавен приход за кој се платени и даноци во износ од 50 милиони евра, а во секторот биле вработени 7.000 лица.

Од законот се спасија официјалното ТВ Бинго и Државната лотарија.