Во втората половина на август грчкиот премиер Киријакос Мицотакис ќе престојува во Берлин на покана на германската канцеларка Ангела Меркел, објавија денес грчките медиуми.

Канцеларката Меркел денес изутрина му телефонирала на Мицотакис за да му ја честита изборната победа и го поканила да го посети главниот град на Германија.

Медиумите објавија дека Мицотакис се заблагодарил на честитките и во наредните неколку дена ќе се утврди точниот датум за посетата. Најверојатно тоа ќе се случи после 20 август кога со работа ќе почне германскиот парламент (Бундестагот).

Инаку, првата посета надвор од земјата новиот грчки премиер ќе ја оствари на Кипар откако Владата ќе ја објави својата програма за работа, а тоа се очекува да биде за време на викендот 20-22 јули. Оваа посета била утврдена во понеделникот за време на телфонскиот разговор на Мицотакис со претседателот на Кипар, Никос Анастисиадес.

На разговорите во Берлин се очекува да доминира прашањата од економската сфера, особено за обврските на Грција за враќање на огромниот долг, економските мерки, а високо на дневниот ред се очекува да биде и Преспанскиот договор. Берлин веќе стави до знаење дека не сака какви било политички предизвици поврзани со тој договор, а веројатно ќе се зборува и за европската перспектива на Македонија, при што Меркел ќе сака да биде сигирна дека Атина нема да поставува неразумни блокади за соседот на тој пат.