Според заедничкото соопштение на грчкиот и албанскиот премиер, Рама на средбата со Мицотакис истакнал дека и покрај разочарувањето на Албанија од одлуката на Европскиот совет да нема почеток на пристапни преговори со ЕУ, земјата со истата одлучност ќе продолжи со имплементација на реформите.

– Киријакос Мицотакис истакна дека Грција ја поддржува европската перспектива на земјите од Западен Балкан, доколку овие земји ги исполнуваат предусловите за интеграција. Исто така, ја поздрави посветеноста на албанската страна да оди напред со прашањата за имотите и самоопределувањето/пописот, кои се од основно значење за грчкото национално малцинство во Албанија, се наведува во заедничкото соопштение на двајцата премиери.

Воедно, Мицотакис ја прифатил поканата на неговиот албански колега во следниот период да ја посети Албанија.