Американскиот заменик-помошник државен секретар Метју Палмер денеска ќе допатува во Тирана, со цел да помогне во изнаоѓањето решение за излез од политичката криза во земјата.

Палмер  ќе се сретне со албанскиот премиер Еди Рама, додека во текот на утрешниот ден планирани се негови средби со претседателот на Албанија, Илир Мета, како и со лидерите на опозициските Демократска партија и Социјалистичко движење за интеграција, Љуљзим Баша и Моника Круемади.

Според аналитичарите, се очекува со посетата на Палмер длабоката политичка криза во Албанија да добие друга насока.

Претседателот  пак на Турција Реџеп Тајип Ердоган денеска отпатува за Русија, каде ќе учествува на состанок на Советот за соработка на високо ниво меѓу Турција и Русија.

На  денешниот состанок на Советот за соработка на високо ниво, со кој ќе претседаваат лидерите на Турција и Русија, Реџеп Тајип Ердоган и Владимир Путин, ќе учествуваат министри и други официјални лица од двете земји.

Како што јави агенцијата Анадолија, на состанокот ќе се разговара за билатералните односи меѓу Турција и Русија, како и за регионалните и глобалните теми. Се очекува на состанокот да бидат потпишани и повеќе билатерални договори.