Вчерашниот изборен ден во Албанија мина во напната атмосфера од страв од евентуални големи инциденти, кои за среќа не беа забележани, освен оној во местото Шијак, кај Драч, кога жител на ова населено место под закана со автоматска пушка „калашњиков“ одзел гласачка кутија и расфрлил гласачки материјал. Имаше и мирни протести во Тирана, а во Корча се протестираше со песни и ора, јави дописничката на МИА од Тирана.

Се гласаше за градоначалници и совети на 61 општина. Изборите ги карактеризираше слаба излезност, која според експерите од оваа област е најниска до сега. Од вкупно запишаните 3.464.328 лица со право на глас, граѓанското право го оствариле 21,6 отсто или 771.863 граѓани. Треба да се нагласи фактот дека поради масовната миграција реалната бројка во избирачкиот список е многу помала. Според пописот спроведен во октомври 2011 година, Албанија има 2.891.977 жители. Од вкупната попишана популација, со постојано место на живеење во Албанија се 1.421.810 жители, додека другите се со престој во странство до една година.

Но, освен слабата излезност, овие избори ќе бидат запаметени и по бојкотот на опозицијата што се случува првпат по падот на тоталитарниот режим, 1990 година.

Поради неучеството на главната опозиција во дури 31 од вкупно 61 општина, во трката за градоначалник имаше само по еден кандидат, поради што најмалку може да се оценат како плуралистички.

Меѓу 97 кандидати за градоначалници само десет беа жени, додека 23 бараа повторна доверба од граѓаните.

Со свои кандидати на изборите учествуваа две изборни коалиции и тоа „Алијанса за европска Албанија“ (21 партија) предводена од Социјалситичката партија на премиерот Еди Рама и Надеж за промени (6 партии), предводена од Црно црвената алијанса, потоа седум независни кандидати и девет политички партии, меѓу кои и Македонска алијанса за европска интеграција.

Опозициска партија која првпат учествува на избори е Демократското убедување на поранешниот демократ Астрит Патози, која свои кандидати имаше во 22 општини.

На локалните избори пред четри години, левата коалиција предводена од Социјалистичката партија на премиерот Еди Рама, а во која беше и сегашното опозициско Социјалистичко движење за интеграција (тогашен лидер беше актуелниот претседател Илир Мета) освои најголем дел од 61 општина во земјата или 45, меѓу кои и општина Пустец, кога по третпат победи Едмонд Темелко. Под нејзина контрола поминаа сите поголеми градови во земјата, со исклучок на Скадар, кој го доби десницата. Коалицијата на десницата, предводена од Демократската партија, освои само 15 општини. Во оштината Финиќ на југот на земјата избраниот градоначалник беше од партијата на грчкото малцинство МЕГА.