Во последните две недели во Албанија се евидентирани 55 кривични дела за корупцијата и злоупотреба на службената положба од страна на носители на јавни функции. Министерката за правда, Етилда Ѓонај изјави дека кривична постапка е почната за 80 лица, од кои 11 се во притвор, додека 69 се бранат од слобода.

Како што истакна министерката, меѓу тие кои добија кривична пријава е и еден професор од Факултетот за информатичка технологија на Универзитетот во Валона, кој во медиумите беше посочен дека земал поткуп за положен испит.

Ѓонај, која е координаторка на Антикорупциската комисија, упати апел до сите студенти и професори да го пријават секој случај на корупција во образовниот систем, не само за да се спречи корупцијата, туку и за да биде казнет секој „кој врши корупција со иднината на студентите“.

Истовремено, врз основа на извршената контрола изречени се и 13 дисциплински мерки, од кои две се за престанок на работниот однос.